Министерство за труд и социјална политика оваа мерка ја обезбедува заради покривање на трошоците поврзани со образованието на децата кои се запишани во редовно школување во средно и основно образование, имајќи  во предвид нивна финансиска и материјална состојба.

За користење на ова право детето треба да присуствува на 85% од вкупниот број на реализирани наставни  часови и да не користело додаток за образование за истата учебна година.

Ова право може да го користат и корисници на Гарантирана минимална помош (ГМП).

Правото на додаток за образование се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството, како и домаќинство со дете кое е на редовно школување во основно или средно образование во училишта во Република Северна Македонија, чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование.

Прагот за пристап до додаток за образование  зависи од бројот на членови во домаќинството и истиот се пресметува со еквивалентна скала која за еден член на домаќинството е 1 и изнесува 6800 денари кој се зголемува за секој член на домаќинството за коефициент од еквивалентната скала, а најмногу за вкупно осум члена во домаќинството. За останатите членови еквивалентната скала се зголемува за коефициент од  0,5 за вториот член на домаќинството, за коефициент од  0,4 за третиот член на домаќинството, за коефициент од 0,4 за четвртиот член на домаќинството, за коефициент од 0,2 за петтиот член на домаќинството, за коефициент од  0,1 за шестиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за седмиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за осмиот член на домаќинството, а најмногу до осум членови на домаќинството.

Оваа еквивалентната скала дополнително се зголемува за 1,2 за самохран родител. Така на пример, за тричлено домаќинство вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 12.920 денари, за четиричлено домаќинство 15.640 денари, за  петчлено домаќинство 17.000 денари, за  шестчлено домаќинство 17.680 денари, за седумчлено 18.360 денари, а за осумчлено 19.040,00 денари.

Кај  тричлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 21.080 денари, кај петочлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 25.160 денари.

Како приходи на вкупниот број на членови на домаќинството се сметаат: доход од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права, од продажба на сопствени земјоделски производи, од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, пензија остварена во Република Северна Македонија,  капитални добивки, добивки од игри на среќа, доход од осигурување, друг доход, Право на социјална сигурност за старите лица (Социјална пензија), Паричен надоместок по основ на невработеност, воена инвалиднина, цивилна инвалиднина, законска издршка, родителски додаток за дете, финансиска поддршка од областа на земјоделството и руралниот развој, Траен надоместок, Надоместок на плата за скратено работно време  и Додаток за образование на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.

Ова право не може да се оствари за дете ако домаќинството поседува друга семејна куќа или стан во која не живее или не ја користи за живеење, стан или куќа во градба, деловен простор, заштеди/штеден влог во вредност над 70.000 денари, хартии од вредност и градежно земјиште, освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот живее.

Како приход при остварување и користење на правото на додаток за образование не се сметаат гарантирана минимална помош, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок заради попреченост, додаток за домување, еднократна парична помош, паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во загрижувачко семејство, еднократна парична помош за новороденче, посебен додаток,  детски додаток, законска издршка за дете во висина до 6.000 денари, надоместок за посета на обука, стипендија, сезонски работи, надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти, надомест за практикантска работа, надоместок за волонтери согласно Законот за волонтерство, финансиска помош добиена за лекување во земјата или во странство, надоместок кој произлегува од активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија итн.

Барањето за остварување на правото на додаток за образование со целата потребна документација се поднесува до ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во општина која што мајката има живеалиште/престојувалиште 1 септември  во тековната година заклучно со 31 март во наредната година. Документацијата мора лично подносителот да ја однесе до центарот за социјална работа во шалтер кај службено лице (ќе им даде архивски број ) за примена документација со архивскиот број може да се провери до кај е постапката за остварување на тоа право.

За остварување и користење на правото на додаток за образование заедно со барањето треба да се поднесе:

  1. Важечка лична карта на подносителот на барањето, која се доставува само на увид за докажување на идентитетот, државјанството и живеалиштето;
  2. Извод од матичната книга на родените на детето за кое се поднесува барањето (копија)
  3. Извод од матична книга на венчани доколку родителите се во брачна заедница (извод матичната книга на родените од двата родитела доколку родителите се во вонбрачна заедница и детето е признато, извод од матичната книга на родените на мајката доколку детето не е признато, пресуда од разведен брак). (копија/и)
  4. Доколку родителот/ите се приматели на родителски додаток (трето и четврто дете) или се вработени се поднесува и извод од банка за последните три месеци
  5. Потврда за детето/ученикот дека е запишан и е редовен ученик во основно училиште/средно училиште;
  6. Копија од трансакциска сметка ( на име на мајката)

Барањето за остварување на правото на додаток за образование се поднесува на Образец БДО „ Барање за остварување на право на додаток за образование“

Доколку детето е ученик во основно образование сумата која ќе ја добие со додатокот за образование е 700 денари месечно или 8.400 денари на годишно ниво.

Ако пак детето е ученик во средно образование сумата која ќе ја добие е 1.000 денари месечно или 12.000 денари на годишно ниво.

Исплатата  се врши во четири еднакви износи од по 2.100 денари за ученик во основно образование, односно од по 3.000 денари за ученик во средно образование, по завршување на секој од мерните периоди.

Исплата на додатокот за образование се врши за секој од следниве мерни периоди:

  • прв мерен период од 1 септември до  31 октомври во тековната календарска година
  • втор мерен период од 1 ноември до 31 декември во тековната календарска година
  • трет мерен период од 20 јануари до 31 март во наредната календарска година и
  • четврт мерен период од 1 април до крајот на наставната година.

Барањето треба да се поднесе најдоцна до 15 октомври во тековната година за да се оствари правото за додаток за образование во прв мерен период.

Исплатата на додатокот за образование се врши на мајката, за чие дете/деца се исплатува додатокот за образование за тековната наставна година, а доколку на мајката од оправдани причини не може да и се исплати додатокот за образование, исплатата се врши на таткото. Оправдани причини се кога мајката:

  • не е жива,
  • го напуштила детето,
  • е на издржување казна затвор,
  • е на континуирано болничко лекување повеќе од три месеци,
  • е со сериозно нарушена здравствена состојба и
  • е со одземена деловна способност.

Ова право го има и старател на дете без родители и без родителска грижа кое не е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита.

Правото на додаток за образование престанува да се користи кога:

  • детето повеќе не е на средношколска возраст согласно закон,
  • детето го прекинало посетувањето на училиштето,
  • правото е остварено врз основа на невистинити или нецелосни податоци и
  • корисникот на додатокот за образование поднесе барање за престанок на правото на додаток за образование.

Корисниците на правото на додаток за образование е должен надлежниот центар за социјална работа да  извести за секоја промена на фактите и околностите кои биле основа за признавање на правото најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, во спротивно им престанува правото, како и во случај доколку дале невистинити податоци.

Центарот за социјална работа по службена должност повремено, а најмалку еднаш годишно го преиспитува постоењето на фактите и условите за стекнување и користење на правото за заштита на децата и доколку утврди дека истите се променети,  донесува ново решение.

Центарот за социјална работа ја утврдува потребата за остварување и користење на правото на додаток за образование врз основа на извршен непосреден увид во домаќинството на подносителот на барањето и корисникот на правото, согласно Законот за социјалната заштита.

По жалба против решението на центарот за социјална работа како првостепен орган решава Министерството за труд и социјална политика како второстепен орган.