Надоместок заради попреченост е право на парична помош од социјална заштита. Ова право се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепо лице и потполно глуво лице.
Лице со тешка интелектуална попреченост се смета лице кај кое што коефициентот на интелигенција приближно се движи од 20 до 34 (ментална возраст од три до шест години) и кое веројатно ќе има потреба од постојана поддршка и помош од друго лице. [1]
За лице со длабока интелектуална попреченост се смета лице кај кое што коефициентот на интелигенција е под 20 (ментална возраст под три години), лице со сериозно оштетување во комуникација, подвижност, со тешки ограничување за сопствената грижа кај кои е потребна континуирана помош од средината. [2]
Најтешка телесна попреченост се смета лице кај кое што постои локомоторна дисфункција и кое што своите основни биолошки и социјални потреби ги извршува само со помош на инвалидска количка со придружник, освен во случаи кога истото има тешка или длабока интелектуална попреченост, како и лице со тетраплегија и квадриплегија кај кое што постои локомоторна дисфункција и кое што своите основни биолошки и социјални потреби ги извршува само со помош на инвалидска количка со придружник. [3]
За остварување на правото на надоместок заради попреченост се поднесува барање и потребната документација до месно надлежниот Центар за социјална работа.
Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот. Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува: 7.204 денари за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепо лице и 4.117 денари за потполно глуво лице.
Во однос на право на здравствена заштита има корисник на надоместок заради попреченост, само доколку не можат да се стекнат со осигурување по друг основ преку ФЗОМ.
Барање за остварување на правото на надоместок заради попреченост се поднесува на образец (Прилог бр.1), а кон барањето се приложува:
- важечка лична карта, само на увид за докажување на идентитетот и државјанството;
- конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности или траен наод наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченост и
- трансакциска сметка на подносителот на барањето.
Центарот за социјална работа во постапката за остварување на правото е должен да донесе решение во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на барањето со потребната документација.
____________
[1] Службен весник на РСМ, бр. 111 од 31.5.2019 година
[2] Ibid.
[3] Ibid.