Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.
За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош, согласно со овој закон.
Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството.
Основицата изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со еквивалентна скала и тоа за:
- вториот член за коефициент од 0.5,
- третиот член за коефициент од 0.4,
- четвртиот член за коефициент од 0.4 и
- петтиот член за коефициент од 0.2.[1]
Така износот на гарантираната минимална помош може да изнесува од 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од 5 возрасни членови.
Потребната документација за добивање гарантирана минимална помош се поднесува до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во општина каде имате живеалиште/ престојувалиште:
- Барање за остварување на право за гарантирана минимална помош (кое може да го добиеш во Центарот за социјална работа)
- Важечка лична карта или пасош
- Фотокопија на извод од матичната книга на родените/ венчани/ умрени
- Фотокопија на пресуда за развод на брак
- Уверение дали лицето е даночен обврзник од имот или приходи
- Имотен лист од катастар
- Потврда за остварени приходи од плата во Република Северна Македонија или странство
- Потврда за корисник на пензија (остварена во Република Северна Македонија или странство)
- Потврда од Агенција за вработување на Република Северна Македонија, за невработени членови во семејството
- Потврда за поседување регистрирано моторно возило кое не го отуѓил во последните шест месеци пред поднесување на барањето, возило употребливо за комерцијални цели (комбе, автобус, камион, такси)
- Писмена изјава од поднесителот на барањето пред Центарот потврдува дали остварува и други приходи (од привремена работа во странство, штеден влог и камати од заштеди, поседување и приходи од хартии од вредност)
- Потврда за редовен студент
- Пресуда за определена законска издршка
- Договор за извршување на работи во врска со спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија
- Договор за давање на земјоделско земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на плодоуживање
- Потврда за остварена воена инвалиднина
- Потврда за надоместок кој произлегува од активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија
- Тужба за законска издршка против близок сродник кој по закон е должен да го издржува, односно полномошно на службено лице во центар за социјална работа за поведување на оваа постапка
- Фотокопија од трансакциска сметка
Центарот за социјална работа го определува носителот на правото на гарантирана минимална помош. Носителот на правото е должен да ја пријави бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, при поднесување на барањето и да извести за промените во текот на користењето на правото, а кои влијаат на остварување и користење на правото, во рок од 15 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.
Центарот за социјална работа по службена должност ја проверува материјалната состојба на носителот на правото на гарантирана минимална помош и сите полнолетни членови на домаќинството, преку обезбедување на податоци за остварени месечни приходи од службената евиденција на надлежниот јавен орган, Министерството за финансии – Управата за јавни приходи.”.
По исклучок во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), носителот на правото е должен да извести за промената на бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството која влијае на користење на правото на гарантирана минимална помош, во рок од 30 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.[2]
Гарантираната минимална помош се исплатува во висина на разликата од утврдениот износ на гарантираната минимална помош и вкупните просечни месечни приходи по сите основи на домаќинството, остварени во последните три месеци. Висината на гарантирана минимална помош се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.
При утврдување на висината на гарантираната минимална помош за член на домаќинство не се смета лице кое е:
- на издржување казна затвор подолго од 30 дена,
- со решение на центарот за социјална работа е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка, или друга установа и
- сторител на семејно насилство.
Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство во кое член:
- може сам да се издржува,
- може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот во нивна сопственост, кој членовите на домаќинството не го користат,
- има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор,
- може да обезбеди издржување по друга основа,
- е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување, до истекот на периодот до кога стекнува право повторно да се пријави, согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност и/или\
- на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, во последните 12 месеци пред поднесување на барањето за остварување на право на гарантирана минимална помош.
Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство кое не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа.
Правото на гарантирана минимална помош престанува доколку:
- носителот даде невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба на домаќинството при поднесувањето на барањето,
- носителот не ја пријави промена на бројната состојба на домаќинството и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, во текот на користењето на правото,
- корисникот не се пријави во надлежниот центар за вработување во рокот и редовно не ги исполнува обврските за евидентирање согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност,
- корисникот два пати последователно одбие да ги исполни обврските од индивидуалниот план за вработување за вклучување во програмата за активни мерки за вработување или одбие посредување за вработување согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност,
- работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос,
- домаќинството не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа или на овластениот работник не му се дозволи да направи увид во домот за проверка на материјалната и бројната состојба во домаќинството, констатирано врз основа на стручна документација.
Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.
По исклучок, во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември.
Месечниот износ на висината на овој додаток изнесува 1.000 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.[3]
____________
[1] МТСП Права, услуги и мерки од социјална заштита, Право на гарантирана минимална помош
[2] МТСП Права, услуги и мерки од социјална заштита, Право на гарантирана минимална помош
[3] Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21 и 99/22)