М.О. од Прилеп на возраст од 41 година живеела во вонбрачна заедница со лице од Прилеп и во таа заедница добиле 8 деца: 3 машки и 5 женски. Моментално живее само со своите деца од причина што нејзиниот вонбрачен партнер издржува казна затвор во КПУ Прилеп поради кривично дело кражба.
Сите полнолетни членови од семејството на М.О. вклучувајќи ја и неа, се невработени поради што семејството е во многу лоша социјално-економска состојба бидејќи единствен и основен приход за егзистенција им е гарантираната минимална помош преку ЈУМ Центарот за социјална работа – Прилеп, која помош е незадоволителна за основните животни потреби, односно исхрана пред се.
Невработеноста и лошата состојба на семејството резултираше со висок степен на неписменост кај дел од нејзините деца, кои не посетувале настава воопшто односно не биле запишани во соодветно училиште.
Имено, нејзините двајца полнолетни синови со цел да придонесат за егзистенцијата на братот и сестрите, принудени се да работат на сезонски активности односно од време на време кога ќе се појави потреба за таков тип на работници. Една од ќерките, одела на училиште до 5-то одделение, а после тоа нејзината мајка морала да ја отпиши бидејќи немала можност и финансиски средства за да и обезбеди основни услови да посетува настава. Додека пак, другите ќерки воопшто не била запишана на училиште и не посетувала настава. Во моментот, единствено само едно дете посетува настава на училиште, благодарение на невладините организации кои им обезбеди училиштен прибор, облека и обувки.
Ваквата состојба на семејството не е единствен проблем со кој секојдневно се соочуваат. Проблемот е многу поголем кога ќе погледнеме каде тие живеат и поминуваат поголем дел од денот и ноќта.
Имено, М.О. и нејзините 8 деца живеат во импровизирана куќичка која е во распаѓање и има само една единствена мала просторија (соба) од 12 метри квадратни, каде што нема ни соодветен мебел и покуќнина. Исто така, во куќата ги нема ни хигиенско-санитарните чворови за одржување на личната хигиена, па тие во замена за нив, хигиената ја одржуваат под отворено небо користејќи импровизирано корито кое се употребувал на стариот начин од пред 100 и повеќе години.
Ваквата глетка, за која човек би помислил дека тоа е место заборавено од човекот, а не дека тука може да живее 10 члено семејство, беше утврдена при теренска посета на семејството како Правен монитор заедно со Мобилизаторот на заедница.
Кога разговаравме со М.О. таа се изјасни дека срам и е да каже дека во 21 век нема купатило за одржување на лична хигиена како и физиолошките потреби, а за нејзиниот живот и секојдневните проблеми со кои таа мора да се соочува може да се напише премногу.
Нејзината потреба од помош која ја утврдивме првично и дадовме приоритет пред сите други проблеми со кои се соочува ова семејство е да се обезбеди еднократна парична помош, да се најде начин за набавување на потребниот материјал за да се изгради купатило и тоалет како најважно за целото семејство, а исто и потребен материја за доградба барем на уште една просторија (соба) кон веќе постоечката, за да може да се обезбеди минимум простор согласно бројот на членовите на семејството.
Во насока на нудење на првична помош на семејството беа преземени следните чекори:
- Информирање и советување на странката за можностите и помошта што може да и се обезбеди од институциите, како и алатките за собирање на средства од заедницата и дијаспората за неа и нејзиното семејство;
- Комуникација со засегнати страни за обезбедување на еднократна парична помош од Општина Прилеп и ЈУМ Центар за социјална работа – Прилеп со цел парично да и помогнат или да ја сместат во социјалните станови/куќи;
- Пишување на барање за обезбедување на социјално домување и елементарни услови до Комисија за станбени и иселенички прашања при Влада на Република Северна Македонија, со доставување на копија до Министерство за труд и социјална политика на Република Северна Македонија и ЈУМ Центар за социјална работа – Прилеп;
Како резултат од преземените дејствија е остварено право на еднократна парична помош од страна на Општина Прилеп и ЈУМ Центар за социјална работа – Прилеп, а по поднесеното барање за обезбедување на социјално домување и елементарни услови до Комисија за станбени и иселенички прашања при Влада на Република Северна Македонија, се чека одговор. Не се исклучува можноста за организирање на акција за собирање на средства за набавка на потребниот материјал за изградба на купатило и доградба на просторија (соба).
Правен монитор во хаб Прилеп
Џенгис Бериша